Демократските сенатори денеска ја претставија правната рамка што ќе им овозможи да го усвојат најважниот план за социјални придобивки во САД од 1930-те, проценет на 3.500 милијарди долари, по што се очекува дебата во Конгресот.
Американскиот Конгрес на тој начин напредува кон нов дел од амбициозната визија на американскиот претседател Џо Бајден, по инфраструктурниот план вреден 1.200 милијарди долари, што треба да биде усвоен во Сенатот утре наутро, и да премине на гласање во Долниот дом на Конгресот, пренесува Бета.
Износот од 3.500 милијарди долари за десет години е речиси БДП на Германија во 2020 година (3.800 милијарди долари). – Ова буџетско решение му овозможува на Сенатот да напредува во усвојувањето на најважниот закон во корист на работниците, старите лица, болните и сиромашните, уште од претседателот Франклин Рузвелт и „Њу Дил“ (New Deal) од 1930-те, рече независниот сенатор Берни Сандерс, претседател на буџетската комисија
„Тој ќе ги стави САД во позиција на светски лидер во борбата против климатските промени за да ја направи нашата планета здраво место за живеење за идните генерации“, рече Сандерс.
Решението објавено денескa ги претставува само општите карактеристики на тој огромен план и им дава простор на сенаторите да ги поднесат своите конечни предлози до 15 септември.
Овој парламентарен механизам за таканаречено помирување ќе им овозможи на Демократите да го усвојат конечниот текст со просто мнозинство во Сенатот само со нивните гласови, не сметајќи ги републиканците кои остро се против тој закон.