Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) објави денеска дека во изминатите две недели, односно од 30 август до 12 септември, во земјета се регистрирани еден смртен случај и 67 заболени од Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според податоците на ИКШПК, најмногу позитивни на вирусот резултирале од возрасната група меѓу 50 и 59 години (16 случаи) и од 60 до 69 години (15 случаи), додека просечната старост на новозаболените е 52 години.
– Од потврдените случаи со Ковид-19, по општини резултира дека најголем број пријавени случаи се од Приштина (25), потоа од Пеќ (осум) и Ѓаковица (седум случаи), а најголема зачестеност е забележана во Приштина со 13 случаи на 100.000 жители и во Качаник со 12 случаи на 100.000 жители, се вели во соопштението на ИКШПК.
И покрај забележаните случаи на заразени во последно време, заклучува ИКШПК, епидемиолошката ситуација со Ковид-19 во Косово останува мирна, а граѓаните кои ќе забележат знаци на инфекција се упатуваат да се тестираат и да се консултираат со лекар за секаков сомнеж во однос на Ковид-19.