За Општина Липково не важат одлуките на Уставниот суд зашто во огласот објавен минатиот викенд за четири работни позиции се бара кандидатите да бидат Албанци. Од Општината се вадат дека општинското претпријатие кое го објавило огласот не знаеле дека Уставен го укинал „балансерот“ пред три месеци по што е надвор од правниот систем, а министерот за јавна администрација Горан Минчев, лично како граѓанин доставил претставка до Државниот инспекторат за труд. „Балансерот“ е алатка која се користеше за вработување според етничката припадност за да се обезбеди правична застапеност во јавната администрација.
– Претпријатието „Пиша“ кое го објавило огласот за вработување сигурно направило грешка, односно не биле запознаени дека „балансерот“ е укинат. Сигурно направиле „копи-пеист“, односно техничка грешка. Огласот за вработување ќе биде повлечен и постапката ќе се поништи. Ве уверувам дека нема никаква задна намера, ни тенденција со објавувањето на огласот – велат за „Слободен печат“ од Општина Липково.
Огласот за вработување на четири лица беше објавен изминатиот викенд (28/29 декември). Според објавеното, се бара вработување на четири лица како даватели на јавни услуги на неопределено време во ЈКП ,,Пиша“, село Липково, Општина Липково. Во Одделението за транспорт и изградба на патишта и објекти се бара возач на автобус. Покрај општите услови кој кандидатот треба да ги исполнува, се бара тој да има најмалку средно образование. Впечатливо е дека во огласот со големи букви е назначена напомена дека предвиденото вработување согласно годишниот план за вработување на институцијата за 2024 година е кандидатот да биде Албанец.
Во истиот оглас се бара и возач на комунално возило, додека во Одделението за управување со отпад и јавна чистота се бара одржувач-инкасант по села, како и утоварувач на отпад. За сите работни позиции коишто ги бара Општината во огласот има напомена дека треба да бидат Албанци. Пријавата со потребната документација кандидатите треба да ја доставата до ЈКП ,,Пиша“ с. Липково, Општина Липково.
Од Министерството за „Слободен печат“ велат дека министерот за јавна администрација, Горан Минчев, како физичко лице, граѓанин, по допрен глас, поднел претставка до Државниот инспекторат за труд, барајќи вонреден инспекциски надзор во Јавното комунално претпријатие „Пиша” од село Липково. Во претставката, Минчев укажува на сериозни неправилности во објавениот јавен оглас број 03-204/3, со кој се бараат четири нови вработувања на неопределено време. Според огласот, критериумите за вработување вклучуваат етничка припадност, што е во спротивност со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работните односи и Правилникот за задолжителните елементи на јавните огласи.
– Ова е директно нарушување на принципите на еднаквост и недискриминација. Законот е јасен – вработувањата во јавниот сектор треба да се базираат на квалификации, компетенции и транспарентност, а не на етничка или друга дискриминаторска основа. Ваквите случаи ја нарушуваат довербата во институциите. Ги охрабрувам граѓаните да се борат за почитување на своите права. Должни сме да изградиме праведен систем кој функционира подеднакво за сите. Политичката волја за почитување на законите мора да биде основен принцип на секоја јавна институција. Само така можеме да создадеме силна и правична држава – вели Минчев.
Претставката до Државниот инспекторат за труд е поднесена со цел да се утврди дали во конкретниот случај постојат основи за прекршување на законите. Минчев повика инспекторатот да спроведе темелна истрага и да информира за преземените мерки.
Од Министерството за администрација за „Слободен печат“ велат дека огласот на Липково е спорен по неколку основи. Освен што во него не смее да стои етничката припадност, погрешен е и рокот од пет дена кој е наведен во огласот, бидејќи оглас за вработување на технички лица трае три дена, додека за вработување во јавно претпријатие трае 15 дена. Општината во огласот ги измешала роковите, повикувајќи се на Законот за вработени во јавен сектор, Законот за работни односи и Законот за јавните претпријатиа.
По укинувањето на „балансерот“ Владата најави дека се подготвува закон за правична застапеност, на чија содржина работи експертска работна група. Првиот вицепремиер Изет Меџити веќе најави дека законот се очекува да биде готов овој месец. Според информациите од Владата, важно е законското решение да биде правно издржано за да не ја доживее судбината на балансерот, односно да не падне на Уставен суд.