Во Лондон денеска почнува дводневното рочиште на кое американската влада повторно ќе бара екстрадиција на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, за да му се суди за обвинение за шпионажа.
Во јануари, судија на понискиот суд во Лондон го одби американското барање за екстрадиција на Асанж, поради објавувањето илјадници тајни воени документи преку Викиликс пред десет години.
Судијката Ванеса Барејцер одби да го екстрадира Асанж во јануари, наведувајќи здравствени причини и изјави дека тој би можел да се самоубие доколку биде држен под тешките американски затворски услови.
На американските адвокати им е дозволено да поднесат жалба на одлуката на судот за одбивање на екстрадицијата. На претходното рочиште, тие ги доведоа во прашање психијатриските наоди во случајот, тврдејќи дека Асанж не е толку болен.
Асанж, кој се наоѓа во затворот Белмарши во Лондон, се очекува да учествува на сослушувањето преку видео врска, а двајца судии кои ќе ја разгледаат жалбата ќе донесат одлука за неколку недели.
Американските обвинители го обвинија Асанж за 17 точки од обвинението за шпионажа и една точка за злоупотреба на компјутер поради објавувањето илјадници воени и дипломатски документи од страна на Викиликс. Обвиненијата предвидуваат максимална казна од 175 години затвор.