Во Владата на РМ нема никакви поделба и разногласија и работи единствена и посветено на решавање на спорови, како и на јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните. Од грчка страна постои оптимизам дека македонскиот премиер ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе се постигне договор.
– Премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и целокупниот состав на Владата на Република Македонија се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија, вели портпаролот Миле Бошњаковски.
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Диитрис Ѕанакопулос, пак, изразува оптимизам дека македонскиот премиер ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе се постигне договор.
– Преговорите, но и политичката одлука за решавање на спорот со името не се лесни. Господинот Заев треба да размисли за сите аспекти и да преземе голема одговорност кон неговите сонародници, нешто за што сум сигурен дека ќе го стори. Ако некои во политичкото раководство на ПЈРМ сакаат да ја поткопаат можноста за изнаоѓање решение, не е нешто што би можел да го знам. Но, оптимист сум дека на крај господинот Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор, вели Ѕанакоппулос и додава дека и Заев и Ципрас знаат дека решението е „неопходен предуслов за иднина на солидарност и соработка на Балканот“.
И за министерот без ресор на Грција Алекос Флабурарис отворена е голема можност за решение на прашањето. Тој го повикува коалицискиот партнер во владата да не го спречи постигнувањето решение.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот министер без ресор изразува убеденост дека набргу ќе постои договор меѓу Македонија и Грција, а вели дека актуелната грчка влада често носела и носи тешки одлуки, но тие биле за доброто на земјата.
– Договорот набргу ќе се постигне со сложено име за внатрешна и надворешна употреба (erga omnes), со отстранување на иредентистичките претензии и промена на Уставот на соседната земја, објаснува Флабурарис за „Етнос“ и додава дека „мудрите и демократски граѓани во Грција поддржуваат решение“.
Во меѓувреме, продолжуваат консултациите околу, како што наведе во петокот вицепремиерот Бујар Османи, разликите во интерпретацијата на напишаното.
МИА