Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, објавен минатата година во „Матица македонска“ од Скопје, излегува на руски и на бугарски јазик во Москва и Софија. Рускиот превод на романот за издавачката куќа „Рудомино“ го работи Олга Панкина а бугарскиот за книгоздателството „Изида“ Маријан Петров. Во најавата за преводите меѓудругото стои дека приказната во романот се случува во време кога целиот свет е наш а всушност ништо не е наше, па луѓето повеќе живеат во она што го немаат одошто во она што го имаат.
Kористејќи оригинална стратегија на фантомски заплети и пресврти, авторот гради фасцинантна наративна структура што може да се нарече „фантомска реалност“, која се „исчитува“ на повеќе нивоа. Притоа, посебно фасцинантен е раскажувачкиот слој кој е препуштен на предметите и на вегетативно-минералниот свет, со кој приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој нѐ помни, а ние сме го заборавиле. Во тој поглед, според најавите на издавачките куќи, станува збор за голема, оригинална иновација која животот го воспоставува, чува и брани од самото срце на постоењето, фиксирајќи го она што поминало во постоењето надвор од постоењето. Станува збор за маестрален роман, почнувајќи од лексичката свежина, преку мајсторските слики, па сѐ до начинот на кој се води приказната.
Во меѓувреме, „Матица македонска“ од Скопје веќе го подготвува второто издание на романот како дел од проектот Избраните дела на Блаже Миневски во пет тома.