Во насилството во Казахстан, што почна како мирни протести против зголемувањето на цените на енергијата, за неколку дена животот го загубија 225 лица, соопштија денеска казахстанските власти, што е драматично зголемување на жртвите во споредба со претходните официјални биланси.
-За време на вонредната состојба, во мртовечница беа однесени телата на 225 лица, од кои 19 се припадници на полицијата и војската, рече денеска на прес-конференција Серик Шалабаев, човекот кој ја предводи кривична истрага во обвинителството.
Останатите се тела на „вооружени разбојници, кои учествуваа во терористички напади“, рече Шалабаев.
Казахстан претходно соопшти за помалку од 50 загинати, меѓу кои 26 биле демонстранти и 18 припадници на безбедносните сили.
Портпаролката на Министерството за здравство, Асел Артакшинова, изјави во болниците се сместени над 2.600 лица, од кои 67 се наоѓаат во тешка состојба.
Казахстанските власти за насилството во неколкуте града низ земјата ги обвинија „бандите и меѓународните терористи“, за кои велат дека ги украле протестите.
Мировните сили испратени од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), кои интервенираа, од пред два дена почнаа постепено да се повлекуваат од земјата.