Неодговорното однесување на поединци на веселби повторно ги загрозува животите и имотите на луѓето во Полошкиот регион. Засега нема загубени животи, но регистрирани се повеќе оштетувања и едно ранување.
Изминативе 24 часа на поширокото полошко подрачје дошло до оштетување на пет возила од заталкани куршуми. Два случаи се пријавени во Тетово, а два во гостиварското село Чегране. Едно возило денес било пријавено за оштетено во селото Желино.
Од СВР Тетово повторно апелираат до граѓаните да не пукаат на семејните веселби или да користат огнено оружје на собири и други јавни места. Предупредуваат дека глобите се високи, а во одредени случаи лицата кои ќе се решат да користат оружје може и кривично да одговараат.
– Глобите се од 200 до 500 евра, додека зависно од околностите и крајните кривично-правни последици следуваат затворски казни од 1 до 5 односно 10 години. Особено сакам да нагласам и една друга појава која исто е зачестена и исто така е опасна. Приредувањето на огномети на своја рака е спротивно на законот и тоа треба да го вршат специјализирани фирми или поединци, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Изминатава недела, една жена која била на свадба во Тетово заврши во болница со рани задобиени од огнено оружје. Поголема среќа имал и еден возач кој по поминување покрај колона со сватови останал без задното стакло на автомобилот.