Во последната деценија, поточно во периодот 2010/2020 година, за азил во некоја од земјите на ЕУ и Швајцарија аплицирале 207,2 илјади албански граѓани, од нив околу 33 отсто малолетни лица.
Во споредба со другите земји во регионот за истиот период, Албанија го држи рекордот по вкупен број апликации.
-Во текот на последната деценија регистрирани се многу високи бројки на албански граѓани баратели на азил во однос на населението во земјата. Азил вкупно побарале 207,2 илјади, во земјите на ЕУ и Швајцарија (не се вбројани оние кои азил побарале во Велика Британија). Највисока бројка е регистрирана во 2015 година, 67.000, следната година тој број е преполовен, за да во следните три години се движи од 20-24.000, наведува весникот „Монитор“, повикувајќи се на извештај на Европската канцеларија за азиланти (EASO).
Според истиот извор, минатата година, поради пандемијата со Ковид-19, што услови затворање на границите, бројот е околу 7.000.
Во извештајот посебно паѓа во очи бројот на малолетни албански граѓани кои побарале азил, што, на годишно ниво е 33 отсто или една третина од вкупната бројка.
По Албанија, по бројот на баратели на азил е Косово, со 200.000, Србија имала 177.000 апликации во последната деценија, Северна Македонија 90.000, Босна и Херцеговина 52.000, Црна Гора 12.600 апликации.
Бидејќи земјите во регионот се сметаат за безбедни, огромното мнозинство на барања за азил со текот на годините се одбиени.
-Новиот циклус на емиграција во последните неколку години предизвикува проблеми на внатрешниот пазар на трудот во Албанија, но и во други земји од регионот, поради што многу сектори се жалат на недостиг на работна сила, констатира „Монитор“.