Наследивме сметка блокирана 25 години, а во рок од две години успеавме да не заостануваме во реализацијата на проекти и да ја одблокираме и за прв пат после 25 години општина Ресен да ја видиме со чиста сметка, вели Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен на денешната трибина насловена „Четири години работа за тебе” во рамките на настанот Саем-Отчет.
Тозиевски истакна дека со новиот Буџет во период, од септември до носењето на наредниот буџет во декември, успеале да реализираат некаде околу 12 милиони денари во проекти.
„Во изминатите четири години успеавме да реализираме околу 170 проекти во сите области. Во делот на патната инфраструктура, водовод и канализации имаме реализирано околу 50-тина улици кои се градени паралелно со подземната инфраструктура и модернизација на системот за отпадни води, на атмосферска и водоводна мрежа. Во вредност и во километри, успеавме да асфалтираме и реконструираме некаде над 23 километри патна мрежа, во вредност од околу два милиони евра на територија на Преспа“, рече Тозиевски.
Градоначалникот на општина Демир Хисар, Никола Најдовски во своето обраќање истакна дека во општина во овие четири години се случува големата инфраструктурна офанзива, посочувајќи дека најголем проблем во помалите општините е патната инфраструктура.
„Како никогаш во последните 30 години се обидовме и успеавме да инвестираме во патната инфраструктура и да изградиме повеќе од 17 километри локални улици и патишта со вкупна вредност од 80 милиони денари. А, паралелно да работиме и на урбанизирање на самиот град Демир Хисар, односно на обезбедување или изградба на нови пешачки патеки на четирите главни улици во градот. Со што, не само што нов и урбан и модерен лик на централното градско подрачје, туку и значително ја зголемивме безбедноста, посебно на пешаците“, рече Најдовски.
Градоначалникот посочи дека со ова се придонесе за подобра поврзаност и рамномерен развој на целата општина, а дополнителни 60 милиони денари од вториот повик на Владата ќе се насочат за изградба на дополнителни 10 километри на улици и локални патишта.