Жители од прилепската населба Тризла со мирен протестен марш од населбата до градскиот базен денеска, од 12 до 14 часот го изразуваат, како што велат револтот поради дискриминација зашто пред три дена група Роми не биле пуштени да ги користат услугите на Градскиот базен. Најавуваат претставка до комисијата за спречување на корупцијата и судски случај, пренесува ТВ Сител.
Серхан Џафероски кој бил во групата на која не им било дозволено да ги користат услугите на Градскиот базен на 24 јуни, вели дека се чувствува дискриминирано.
– Во четвртокот на 24 појдовме група и сакавме да влеземе на Градскиот базен на „Маркови кули“ на влезот за да извадиме билети, вработената ни рече дека не може да влеземе, наредено им било од сопственикот да не пуштаат група Роми. Но потоа, двајца граѓани од македонска националност си извадија билет и ги пропуштија. Застанавме на вратата и рековме дека е дискриминација штом не може Ромите да влезат, не може никој друг. И ние сме граѓани, не од втор ред, на Република Македонија и го имаме тоа право, вели Џафероски. Џафероски вели дека наредниот ден сопственикот им се јавил им понудил бесплатно да го користат услугите на Градскиот базен.
Ерсан Бајрамоски вели дека целта на мирниот протест е да го искажат револтот од дискриминација.
– Целта на овој мирен протест со марш од населбата Тризла до Градскиот базен е за да го искажеме револтот зашто сме дискриминирани од сопственикот на објектот. Сметаме дека ние, Ромите, сме дискриминирани. Порачуваме дека не сме граѓани од втор ред. Ќе следува и правна постапка за случајот, рече Бајрамоски.
Инаку, на денот на инцидентот сопственикот на спортско-рекреативниот центар „Маркови кули“ Борис Темоски ги отфрли сите инсинуации за дискриминација и нагласи дека станува збор за почитување на мерките и прописите, посебно во време на пандемија, за користење на Градскиот базен.