Околу 250 книги од различни жанрови им подари денеска на прилепчани во центарот на градот здружението за образование, култура и уметност „ЗОКУМ“ од Прилеп. Книгите ги подаруваа од Здружението и учениците од основните училишта „Кире Гаврилоски-Јане“ и „Климент Охридски“ а по повод месецот на книгата – од 15 октомври до 15 ноември.
Акција на подарување книги се одржува првпат во Прилеп. Филип Димкоски, претседател на Здружението „ЗОКУМ“, изјави дека со задоволство им подаруваат книги на сограѓаните за да покажат дека „и покрај ‘нападот’ од технологијата, книгата сепак останува најверниот човеков пријател“.
-Книгите беа сопственост на членовите на Здружението, но се вклучија и граѓани кои подаруваа книги за ние да им ги подариме на прилепчани. Покажуваме дека е убаво да се подари, да се добие, а некогаш и да се купи книга. Верувам дека книга ќе добие и некој кој одамна не прочитал и ќе го поттикне да чита, рече Димкоски.
Лина Димоска, член на здружението „ЗОКУМ“ од Прилеп, смета дека акцијата е поттик и други да се вклучат во подарувањето книги.
-Ќе бидеме среќни ако оваа акција, која првпат се спроведува во Прилеп, ќе ја следат како пример и други здруженија, поединци, затоа што нема ништо поубаво од подарена, но и прочитана книга. Воедно најавуваме дека на 13 ноември во 19.30 часот во фоајето на Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи поетски перформанс „Љубење со стихови“, рече Димоска.




