Тренерот на Пари Сен Жермен, Томас Тухел призна дека ќе мора да почека некое време за да дознае колку е сериозна повредата на Нејмар.

Клубот пред неколку дена излезе со изјава во која се наведува дека 26-годишниот играч ја обновил старата повреда во стапалото. Ова се случи во мечот против Стразбур од Купот на Франција.

Тухел беше доволно искрен да признае дека сè уште нема информации за тоа колку долго ќе биде без еден од неговите главни напаѓачи. Тренерот рече дека ќе знае повеќе во следната недела кога фудбалерот ќе биде подложен на дополнителни тестови. Во оваа фаза, постои загриженост дека Нејмар може да биде надвор од тимот за осминафиналниот натпревар против Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите.

– Сè уште е рано да се каже нешто за Нејмар. Факт е дека тој и Марко Верати се повредени, и ова е тажна ситуација за нас. Треба да најдеме решенија како тим за да продолжиме да победуваме, изјави Тухел.

Капитенот на ПСЖ, Тиаго Силва пак смета дека секогаш е непријатно да се загубат клучни играчи.

– Но, ние сме ментално силни и имаме други талентирани фудбалери кои можат да ја завршат работата, додаде Бразилецот.