Во текот на минатата, 2020 година, биле изведени речиси 120.000 кибер напади врз клучни руски инфраструктурни објекти, а повеќето од нив дошле од САД, Германија и Холандија, изјави денеска рускиот советник за национална безбедност Николај Патрушев.
-Русија често пати е цел на непријателски активности во кибер-сферата. Во 2020 година беа извршени 120.000 кибер напади врз наши клучни инфраструктури, рече Патрушев за време на конференција за меѓународна безбедност во Москва.
„Значителен дел од нив беа изведени од територијата на САД, Германија и Холандија и тие беа насочени кон владини установи, воено-индустриски компании, здравствени институции, транспорт, истражувачки и едукативни центри во нашата земја, рече Патрушев, пренесува Тасс.
Тој додаде дека Русија често пати е напаѓана „без основа“, поради наводни кибер напади врз западните земји.
-Ова се случува и покрај фактот што Западот, преку НАТО, го прогласи кибер-просторот за место за воена акција, изјави руски експерт за безбедност.
Патрушев смета дека е важно да се обезбеди неполитичка соработка меѓу државите со цел создавање меѓународен безбедносен систем. Тој откри дека Русија активно соработува со други држави во рамките на Обединетите нации и други организации под покровителство на ОН.