Клиничките испитувања на вакцината против рак „Ентеромикс“ започнаа во Русија, изјави завчера Андреј Каприн, главен онколог во Министерството за здравство.

„Нашиот институт е првиот на кого му е доверено спроведувањето на отворено, едноцентрично клиничко испитување на првата фаза што ја вклучува оваа вакцина“, изјави генералниот директор на Националниот институт за радиологија (НМИЦ) за време на сесијата „Развој на персонализирани онколошки лекови: иднината е веќе денес“ на Меѓународниот економски форум (СПИЕФ).

Според докторот, во испитувањето на вакцината ќе учествуваат 48 волонтери. Каприн истакна дека токсичниот ефект на Ентеромиксот е „многу незначителен“.

Каприн рече дека рускиот лек за лекување на рак ќе ја чини државата 300 илјади рубли, додека пациентите ќе можат да го користат бесплатно.

Докторот, исто така, истакна дека лекот се нарекува „вакцина“ поради методот на неговото создавање: од ослабени туморски клетки, слични на ослабените микроорганизми во превентивните вакцини. Тој нагласи дека „вакцината е медицински лек, само што е од биолошко потекло“.

Во Русија се развиваат неколку онковакцини, вклучувајќи ја и Ентеромикс, онколошка вакцина која ја развиваат специјалисти од Националниот медицински истражувачки центар за радиологија при Министерството за здравство заедно со Институтот за микробиологија „Енгелхард“ на Руската академија на науките, како и персонализирана mRNA вакцина, заеднички развој на Националниот медицински истражувачки центар за радиологија и Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.

Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург се одржува од 18 до 21 јуни. Главната тема на СПИЕФ во 2025 година е „Заеднички вредности – основа за раст во мултиполарен свет“.