Лекарот со светско реноме, нобеловец по медицинска физиологија, Ферид Мурад, почина денеска, објавија неговите блиски во САД.

Мурад, светски познат лекар, по потекло од Македонија, е роден во 1936 година, а во 1998 ја доби Нобеловата награда за медицина и физиологија. По него е именувана гостиварската болница, а е почесен граѓанин на Општина Чаир и почесен доктор за науки на Државниот универзитет во Тетово.

Мурад е награден со најголемото признание за откривање на улогата на азотниот оскид на кардиоваскуларниот систем. Неготово откритие дека азотниот оксид овозможува крвните садови да бидат релаксирани и проширени, има широка апликација во медицината денес. Се употребува за да се регулира притисокот во крвта, се бори против инфекција и ги третира болестите на срцето и белите дробови, како и ракот, шокот и импотенцијата.

Како професор по медицина и здравствени науки во Универзитетот Џорџ Вашингтон, Мурад добил и многу други награди, меѓу кои Наградата за основни медицински истражувања „Алберт и Мари Ласкер“, Наградата „Циба“ на Американското друштво за срце и Наградата „Бахтер“ за истакнати истражувања во биомедицински науки од Друштвото на американските колеџи по медицина.

Беше член на повеќе меѓународни здруженија и асоцијации. Објавил повеќе книги и статии во реномирани светски списанија.