Ќе останат ли без работа наставници по хемија, биологија, физика и географија, откако овие предмети од следната учебна година ќе се спојат во еден. Од СОНК добиле ветување од министерството за образование дека ќе направеле се за овие наставници да не останеле на улица. Првиот човек на Синдикатот Јаким Неделков за Алфа вели дека од надлежните добиле ветување дека нема никој да остане без работа, но доколку има промени Синдикатот веднаш ќе реагира и ќе застане во одбрана на работниците, со оглед на тоа што досега често сме биле сведоци на празни ветувања.
За историчарите, ваквиот потег на власта е избрзан кој целосно ќе го уништи и онака лошото образование. Велат, потребна е длабинска реформа, но и сеопфатна дебата која би вродила со плод.
-Да се повлече концепицијата за основно образование, да се стави мораториум, да се продолжи со постојните наставни програми, се додека не се воспостави јавна дебата, ама сериозна дебата, каде ќе се вклучат сите наставници, историчари, затоа што ваквите концепти видовме дека се избрзани, и наместо да има реформи, тие го рушат концептот на образованието, во поглед на квалитетот, и затоа тие го носат спротивното, изјави меѓу другото за Алфа, историчарот Митко Панов.
Според објавената наставна програма, може да се забележи дека предметот историја и општество воопшто го нема. Го нема ниту изборниот предмет Етика во религиите.
Дополнителен проблем е тоа што во предметот природни науки, речиси и да нема ништо поврзано со географија, посебно со територијалната. Од наставната програма може да се забележи дека шестоодделенците ќе учат за Својства и промени на супстанците, Сончев систем Сили и движења, Електрицитет и магнетизам, Грижа за животната средина.
Инаку, наставната пограма за 6-то одделение која ќе се спроведе од идната учебна година, нема да ги има предметите историја и општество, а хемија, биологија, физика и географија се спојуваат во еден, кој ќе се вика природни науки. Овој модел го спроведе претходната министерка за образование, Мила Царовска.