Строго доверливи информации за над 14.000 лица инфицирани со ХИВ, вклучително и странски државјани, беа објавени во Сингапур.Станува збор за имиња, адреси и информации од здравствените картони на 8.000 странци и 5.400 Сингапурци.

Властите тврдат дека за ова „протекување“ на доверливите податоци е одговорен 33-годишниот Американец, Мики Фарера-Борчез и неговиот поранешен партнер, сингапурскиот лекар Лер Тек Сианг.

Фарера-Борчез, кој е инфициран со ХИВ, живеел во Сингапур од 2008 до 2016 година, кога е протеран од земјата поради користење дрога. Неговиот поранешен партнер, Лер, пак е некогашен шеф на Одделот за јавно здравство на Сингапур, кој е осуден поради помагање на Фарера-Борчез за фалсификување на медицинските податоци со цел да прикрие дека е ХИВ позитивен.

До 2015 година во Сингапур им беше забранет влез на лица инфицирани со ХИВ.

Според властите, објавените доверливи податоци Лер му ги предал на Фарера-Борчез во 2016 година, по што тој сега ги обелоденил.

– Жал ни е што еден од нашите поранешни вработени кој имал пристап до доверливи информации, не ги почитуваше нашите безбедносни правила, изјави сингапурскиот министер за здравство Ган Ким Јонг.