Илјадници демонстранти во Дамаск и во другите градови во Сирија денеска ги осудија смртоносните израелски напади на југот на земјата за време на собири со кои се одбележа првата годишнина од почетокот на битката што доведе до соборување на претседателот на Сирија, Башар ал Асад.

Привремениот претседател Ахмед ал Шара синоќа ги повика Сиријците да го одбележат почетокот на офанзивата на исламистичката коалиција што ја предводеше, а која кулминираше со неговото преземање на власта на 8 декември минатата година.

Ал Шара ги повика Сиријците да „изразат радост“ по повод првата годишнина од падот на Асад и да „покажат сириско национално единство“.

Протестите се случија неколку часа по крвавиот израелски упад во селото Беит Џин, во кој, според податоците на властите, загинале 13 луѓе.

Во Дамаск, како и во Алепо, Хомс, Хама (централна Сирија) и Латакија (западна Сирија), демонстрантите под сириски знамиња скандираа исламистички пароли и во знак на поддршка за Шара.

„Запрете ја израелската агресија“, „Беит Џин нè прави горди“, пишуваше на транспарентите на демонстрантите во Дамаск.

Бунтовничката коалиција на 27 ноември 2024 година почна офанзива од своето упориште во Идлиб, заземајќи ги главните сириски градови еден по друг и стигна до Дамаск, ставајќи му крај на децениското владеење на Асад.