Делегација на Косовските безбедносни сили (КБС), предводена од командантот, генерал-потполковник Рахман Рама, во рамки на еднодневна посета на Македонија, денеска престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
По приемот со високи воени почести, генералот Рама имаше средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
На средбата со министерката Шекеринска, командантот на Косовските безбедносни сили упати честитки за интеграцијата на Македонија во НАТО. Двајцата соговорници ја истакна важноста на овој успех за целиот регион, соопшти МО.
Генералите Ѓурчиновски и Рама разговараа за унапредување на билатералната соработка во области кои се од заемен интерес, пред се за зајакнување на регионалната безбедност и можните заеднички предизвици со мигрантската криза.
Досегашната соработка со КБС се одвива во полето на воената едукација и обука преку учество на припадниците од КБС на вежбовни активности на летниот камп на АП Криволак, курсеви во Регионалниот тренинг центар за односи со јавност и Воено-медицинскиот центар.
За време на посетата, генералот Рама ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски. Косовската делегација ќе ја посети и Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ каде што ќе има средба со питомците од КБС кои во моментов се на школување на Академијата.