Осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот јазик се чествуваше и во Словенија. Во Крањ вчера се одржа првата промоција на двојазичната монографија „80 години македонска азбука“, објавена на македонски и на словенечки јазик, што всушност е единствената монографија по повод големиот јубилеј за македонистиката објавена надвор од земјава.

Издавач на монографијата е Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, а објавувањето е реализирано со финансиска поддршка од словенечкото Министерство за култура. Со ова, словенечката македонистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана предводена од словенечката македонистика и славистка Намита Субиото и македонската заедница во Словенија се издвојуваат со најдостоинствено чествување на големиот јубилеј за македонскиот јазик и за македонската држава во некоја од странските културни средини. Субиото е и уредничка и идеен творец на капиталната монографија.

За монографијата говорел Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е и автор и на текстот во којшто во монографијата се објаснува и вреднува процесот на усвојувањето на македонската азбука и правопис, се дава осврт на други јубилеи поврзани со изданија на значајни публикации што ги обликувале развојот и кодификацијата и се отвораат прашања за предизвиците со кои се соочува македонскиот јазик денес. Антоновски потсетил на пораката на Ацо Шопов: „Вонредно брзиот, динамичен и сложен растеж на македонскиот јазик е историски факт и ние го примаме без романтичарски занеси и без националистички егзалтации. Право и должност на сите нас − од институциите до граѓаните − е да го негуваме.“

– Од сето објавено и промовирано во оваа 2025., кога чествуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, токму оваа книга, објавена овде, во Словенија е најмоќната потврда на овие зборови кажани пред 70-тина години. „Без романтичарски занеси и без националистички егзалтации“, изданието приредено од проф. д-р Намита Субиото го потврдува тој историски факт, на најдостоинствен начин – поврзувајќи ги времињата и генерациите, „филтрирајќи“ дел од највредното во современата македонска книжевност и промовирајќи го македонскиот јазик како инспирација и како најмоќно „орудие“ за израз на своето „Јас“ и на оние што го говорат и стотици километри од државата во којашто тој е официјален и државотворен – Македонија. Оваа книга, на дело го покажува тој брз, динамичен и сложен растеж што се остварува токму преку она што е доминантно и во ова издание – книжевноста, посочил Антоновски.

Како што било истакнато во промотивната реч, во оваа јубилејна година, најдостоинственото чествување на кодификацијата на македонскиот јазик, надвор од македонските граници се случува токму во Словенија, и тоа со сето она што резултираше со ова издание.

– Затоа што она што оваа година се случува во Словенија е многу повеќе од чествување – сето она што доведе до оваа книга е влог не само за одбележување на оваа 80-годишнина, туку и влог за следните 80 години. Оваа книга не ќе е само сведоштво за оствареното, и не само пример како достоинствено се афирмира македонското слово коешто своето најцврсто упориште го има во книжевноста и воопшто во културата, туку и влог за генерациите што треба да останат по нас, а коишто преку оваа публикација (ќе) можат и да го научат македонското слово, и да се запознаат со дел од највредното напишано за и со него – да имаат поттик да се изразат со него како што тоа го прават нашите современици, нивни претходници во Словенија. И да, мора да се подвлече – македонистите и Македонците во Словенија го остваруваат своето право и должност – вие сте пример како се негува македонскиот јазик, порачал Антоновски, по што одделно се осврнал на значајните јубилеи за македонскиот јазик и на содржините на монографијата.

Покрај деталниот осврт за кодификацијата на македонскиот јазик и за актуелни прашања за него, монографијата содржи и дел „Литературна ризница“ со избрана поезија на врвни македонски поети и поетеси од различни генерации, со мотиви на азбуката, писмото и мајчиниот јазик, во оригинал и превод на словенечки јазик на Алеш Мустар, Намита Субиото и студентките по јужнословенските студии на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Во суштина, станува збор за исклучителна основа на тематска антолгија на современата македонска поезија, па и книжевност – и тоа воопшто прва со оваа тематска и мотивска одреденост.

Во делот од монографијата насловен како „Буквосвет“, на македонски, и во превод на словенечки јазик остварен од страна на младите словенечки македонисти се објавени фрагменти за секоја буква од македонската азбука од текстовите на Горан Стефановски во легендарната „Бушава азбука“. Ова, всушност е првиот превод воопшто, а не само на словенечки јазик, на најлегендарниот буквар на македонската азбука – издание со најголемо влијание кај многу генерации од средината на 80-тите години наваму. За првпат, една од неколкуте најважни книги за деца во современата македонска книжевност, допира надвор од македонските географски граници и во превод, а особено значајно е што така, таа, конечно им станува достапна на актуелните и идните генерации Македонци што (ќе) живеат и растат во Словенија – сега и тие ќе можат македонската азбука да ја учат од издание што е синоним за писменоста и културата кај речиси сите генерации во Македонија родени од осудесеттите годни наваму.

Претходно, преводите биле претставени на годинашната свеченост по повод Денот на македонскиот јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, а претходно, во февруари, „Бушава азбука“ им беше претставена и на најмладите членови на МКД „Св. Кирил и Методиј“ на литературно-ликовна работилница, реализирана од Бисерка Бобнар и Намита Субиото. Оваа година, „Бушава азбука“ оваа година ја читале и учениците од дополнителната настава по македонски јазик во словенечките основни училишта (ОУ „Нотрањски одред“ – Церкница, ОУ „Драгомир Бенчич – Бркин“ – Хрпеље, ОУ „Ливада“ – Љубљана, ОУ „Данило Локар“ – Ајдовшчина), што само говори колку, во сите сфери на дејствување е вложувано во концептот и остварувањето на капиталната монографија објавена во Словенија и на активностите со коишто до нејзиното објавување ќе се чествува кодификацијата на македонскиот јазик. Под менторство на наставничката Снежана Катарова, учениците што ја читале „Бушава азбука“ ги имаат и нацртано кириличните букви што во монографијата се објавени како илустрации на избраните одломки од текстот на Горан Стефановски.

Двојазичната монографија 80 години македонска азбука“ содржи и дел „Креа(к)тивност“, во кој најпрво се објавени наградените песни од литературниот конкурс „Јазикот и зборот – чувари на македонската традиција“, кој се одржа во април 2025 г. по иницијатива на Фросина Богдановска. Во овој дел од монографијата е објавен и расказ од Соња Цекова Стојаноска и ликовни творби од Борe Митовски и Сашка Митрова, а потоа и есејот на Домен Димовски, во кој се претставува избор од плакати за тринаесетте ликовни колонии во организација на МКД „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ (2013–2025), на кои учествувале бројни академски сликари под раководство на академскиот сликар Богe Димовски.

Последниве децении објавени се не мал број зборници со обиди за пишување поезија и проза од македонски иселеници, заеднички со автори од Македонија, но овој избор се издвојува со критичкиот однос кон естетските вредности, препевот и настојувањето да не е само „македонствување“, туку да е влог во естетската вертикала на книжевноста, што се потврдува и преку распишаниот конкурс што потврдува дека македонскиот јазик, за Македонците во Словенија не само што е најсоодветниот начин да се искажат, туку е и чин на себепрепознавање и меѓусебно поврзување.

Во последниот дел на монографијата е претставен и портретот на Илија Димитриевски, еден од најактивните членови на МКД „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ и на Сојузот на МКД во РС, подготвен од одМатеја Богдановска (текст) и Мира Уршиќ (слика) по повод неговиот осумдесетти роденден.

– Се разбира, не можевме сè да вклучиме во оваа публикација, чија цел е културно-уметничко воспитување, образование и одржување на врската со матичната култура, како и претставување на творечката енергија на членовите на македонските културни друштва во Словенија. Книгата е двојазична, со што поттикнува меѓукултурен дијалог, запознавање и интегративно дејствување. Во нејзиното создавање учествуваа повеќе образовни институции (избрани словенечки основни училишта, Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје) и различни генерации (предучилишни деца, основци, студенти, средна генерација и пензионери), како и македонските културни друштва обединети во Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија, посочила уредничката Субиото.

Промоцијата на монографијата „80 години македонска азбука“ се одржа во рамките на традиционаната манифестација „Прешерново оро“, во чииишто рамки, вчера беше отворена и изложба од тринаесеттата ликовна колонија во организација на МКД „Св. Кирил и Методиј“ во Крањ, поетски настап имаше македонската поетеса Ана Голејшка-Џикова, а со фолклорни точки настапија најмладите од фолклорната секција на македонското друштво во Крањ. Монографијата веќе е достапна и онлајн, а во текот на следните месеци се планираат уште неколку промоции, со цел натамошна афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура во Словенија.

Оваа монографија е и единствената публикација воопшто објавена како резултат на активности по повод осумдесет години од кодификацијата на македонскиот јазик. Сите други планирани публикации, вклучително и оние што треба да бидат објавени во Македонија се очекува да бидат објавени следната 2026 година.

Инаку, минатата година, во Словенија, со заложби на Сојузот на македонските културни друштва и на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана беше објавен и двојазичниот избор од поезијата на Ацо Шопов, „Златен круг на времето“, со којшто и почна серијата публикации во којашто е објавена годинешната монографија. Тоа беше повод на вчерашната промоција по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, присутните да се потсетат на пораката на Шопов од 1965 година: „Никој нема право да ја ‘заборава’ рамноправноста на македонскиот литературен јазик.“ Монографското издание приредено од проф. д-р Намита Субиото е подвиг со којшто не само што се потврдува оваа порака, туку и се покажува како најдостоинствено се изразува свесноста и понесената одговорност за историскиот континуитет на развојот на македонскиот јазик – и тоа и од Македонците, особено оние што денес се стотици километри далеку од татковината и од странските македонисти. Години наназад, флоскулно се повторува идејата на Блаже Конески дека „македонскиот јазик е единствената наша комплетна татковина“. Еве, во оваа 2025. ни се случува издание коешто најдобро ја претставува и продолжува таа идеја. Затоа што ова издание е дом-татковина на вистинските вредности и на чуварите на македонското слово, во и надвор од границите на современа Македонија.