Во текот на вчерашниот ден во Солун и на Халкидики биле регистрирани налети на северен ветер од над 80 километри на час, а противпожарната служба на Грција примила 600 повици за помош во поширокиот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, највисоката измерена максимална брзина на ветерот била регистрирана во Солун, со 108 километри на час.
Во поширокиот регион на градот, како и на Халкидики и во околните градови налетите на ветер биле меѓу 74 и 85 километри на час.
Од противпожарната служба на Грција информираа дека поради силниот ветер во регионот централна Македонија, вчера, во периодот од 08.30 до 17.30 часот, примиле 600 повици и биле извршени 114 сечења на дрвја и 48 отстранувања на паднати предмети.В




