Во Србија во изминативе 24 часа регистрирани се шест нови смртни случаи, три жени и тројца мажи, на просечна возраст од 57 години, со што вкупниот број на починати изнесува 80 лица, со смртност во однос на заразените од 2,02 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.
Во изминатите 24 часа, тестирани се 1.913 лица, од кои позитивни на вирусот се 250 случаи, со што вкупно заразени во Србија има 3.630 лица, изјави на владината прес-конференција на кризниот штаб, лекарката Дарија Кисиќ.
Вкупниот број тестирани лица заклучно со денеска во Србија изнесува 18.312 лица.
Во Ковид болниците вкупно се хоспитализирани 2.684 пациенти, од кои 146 лица се тешки случаи и ставени се на респиратор.
Во карантин за полесните случаи на епидемијата, на Белградскиот саем сместени се 347 лица, во Ниш во спортскатa сала „Чаир“ и хотелот „Ценротурист“ има 295 лица, а во Студенскиот дом 125 лица, додека на Новосадскиот саем има 161 пациент.
Според критериумите на СЗО, во Србија од коронавирусот се излекувани над 400 лица.
– Во Србија од 74 државни домови за стари лица и установи за социјална заштита и од 229 приватни домови за стари лица, кои спаѓаат во најосетливата популација на вирусот, досега 44 лица биле позитивни на вирусот и 29 вработени, а 310 лица се во изолација, рече Кисиќ.
Со одлука на Владата и денешната прес-конференцијата се одржа без присуство на новинарите, така што лекарите од кризниот штаб одговараа на поставени прашања на новинарски редакции доставени преку меил.
На едно од прашањата за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека кон крајот на април или почетокот на мај може да се очекува намалување на вонредните мерки, здравствените стручњаци одговорија дека се уште е рано за да можат да излезат со такви предвидувања.
Во Србија во тек е 60-часовен полициски час, кој почна во петокот во 17 часот и ќе трае до 5 часот во понеделник.