Српскиот владин Кризен штаб за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19, вечерва предложи нови мерки за сузбивање на епидемијата, кои ќе важат од утре, 22 март 2021 година, од 6 часот наутро, јави дописникот на МИА од Белград.

-Од утре, поради опасност од ширење на заразната болест Ковид-19, угостителските објекти ќе останат затворени – кафулињата, рестораните, ноќните клубови и баровите, како и трговски центри, соопштија од српската влада.

Сите објекти за продажба на храна и културните институции (кина, театри, галерии и библиотеки) можат да работат до 21 часот, сите други објекти до 20 часот, под следниве услови:

Сите објекти што ќе се отворат мора да обезбедат почитување на мерката од најмалку девет квадратни метри по лице или посетител. Исклучок се фитнес клубови, бањи, теретани и слично каде што мора да се обезбедат шеснаесет квадратни метри по лице. Ова значи дека ако продавница или, на пример, фризерски салон има 90 квадратни метри, во тој објект истовремено можат да останат максимум 10 лица. Истото правило важи и за теретаните – во рамките на фитнес центарите од 160 квадратни метри не може да престојуваат повеќе од 10 лица. Бројот на присутни лица во објектот вклучува вработени (фризер, продавач, фитнес инструктор).

Владата на Србија напоменува дека од понеделник наутро ќе се интензивира инспекцискиот надзор на почитувањето на оваа мерка – почитување на дозволениот простор по лице во објектот, како и постоење на ковид редари во објектот.

Важна забелешка е дека на угостителските објекти им се дозволува шалтерска продажба на храна и пијалоци, како и дека доставата може да се врши 24 часа дневно. Хотелските ресторани и кафулињата можат да служат гости на хотелите само со регистриран престој до 21 часот.