На седница на срспката влада решено е од вечерва од 20 часот ковид пропусниците да бидат задолжителни за гостите во угостителските објекти, а од утре, покрај останатите вакцини, ќе се дава и вакцината на Модерна, јави дописникот на МИА од Белград.

Со новата уредба за примена на ковид пропусниците, тие од вечерва ќе важат од 20 часот, не само во угостителските објекти, туку и во обложувалниците, казината, коцкарниците, слот клубовите и другите објекти каде се приредуваат игри на среќа. Со оваа уредба работното време на овие објекти повеќе нема да биде ограничено, соопштија од Владата.

Од таму објаснија дека ковид пропусницата е всушност дигитален зелен сертификат, кој секој граѓанин го добива кога ќе се вакцинира против коронавирус или кога ќе ги добие резултатите од тестирањето за ковид.

-Владата на Република Србија се надева дека стапката на вакцинација дополнително ќе се зголеми, имајќи предвид дека масовната вакцинација е единствениот начин за победа над пандемијата на коронавирус. Доколку овие мерки не функционираат, Владата нема да се двоуми да ги зајакне постоечките и да воведе нови епидемиски мерки, се вели во соопштението.

Во Република Србија се достапни четири типа вакцини – кинеската вакцина „Синофарм“, руската вакцина „Спутник“ како и вакцините произведени од „Фајзер“ и „Астра-Зенека“. Од утре, како што соопштија од владата стартува давањето на вакцината на производителот „Модерна“, која веќе се дистрибуира по пунктовите за вакцинација. Вакцинацијата е можна на сите места за вакцинација и во здравствените домови секој ден, вклучително и викендите.