Претседателот на Судан, Омар ел Башир ја распушти владата и прогласи вонредна состојба на една година, во време кога во државата се одржуваат протести во кои настрадаа десетици луѓе.
– Нашата држава минува низ тешка и комплицирана фаза во нашата историја. Ние ќе излеземе од тоа посилни, поединствени и поодлучни, изјави Ел Башир во говор емитуван во живо од претседателската палата во Картум.
Вонредната состојба ќе им даде на силите за безбедност слободни раце во пресметките со учесниците во протестите и апсењата.
Ширум Судан протести се одржуваат од 19 декември. Првично почнаа како протести против пораст на цени и недостиг од храна, но набрзо се претворија во протести против Ел Башир.