Со вино ги вапцаа велигденските  јајца во Тиквешко. На ваков оригинален начин се дочекува големиот христијански празник Велигден,  во најголемиот винарски регион во државата.

Елена Богева е енолог и за МИА денеска раскажа дека со ваквиот начин на вапцување на велигденските јајца, тие добиваат прекрасна боја и магични кристали, и овој обичај не само што е традиција, туку има и еколошка димензија.

-Виното се смета дека е Исусовата крв  и се принесува за причестувања  на верниците кои  се причестуваат во црковните храмови. Велигденските пости, се и најдолгите пости од шест седмици, каде најголем број верници – христијани,  се придржуваат на адетите и православната религија, голем дел од нив се причестуваат во вечерната литургија во сабота или во неделната литургија на првиот ден на Велигден, појасни Богева, која е и потпретседател во Здружението на македонски винари.

Но покрај тоа, нагласи таа, виното нашло примена и во традицијата  при вапцување на велигденските јајца.

-Црвеното вино „вранец”  нашло примена при вапцување на велигденските јајца, од причина што  е богато со полифеноли и боени материи кои на јајцето кое е симбол на животот,  му даваат  и прекрасен природен вински сјај, збогатен со прекрасни вински кристалчиња. Уживање е кога се прават велигденските јајца, посебно кога за оваа подготовка се користат природни бои, како што е нашиот ,,вранец”. Така виното  и јајцето, во комбинација  заедно, се христијанските симболи на животот-крв и живот, додаде Богева.

Таа лично годинава вапцала велигденски јајца од старо и младо црвено вино од сортата ,,вранец”. Сакала да направи споредба колку староста на виното има влијание врз интензитетот на бојата која ја добиваат велигденските јајца.

Според рецептот кој за МИА го сподели технологот Милена Ристов, најпрво се земаат бели јајца,  се мијат добро и се сушат,  па се ставаат во сад со оцет да отстојат 30 минути. Потоа се истура оцетот и се става црвено вино, убаво да се залијат, па се варат. После тоа се тргаат од оган и се остават во виното извесно време.

Семејството Пешкови има семејна винарија, а годинава за втор пат наместо со бои или најразлични други начини, велигденските јајца ги има вапцано со вино.

-Ланската година ни дојде до идеја дел од јајцата да ги фарбаме во црвено вино. Туривме десетина јајца во домашно црвено вино „вранец” и заедно ги ставивме на шпорет. Откако се сварија јајцата ги извадивме од виното и глетката беше воодушевувачка, се створија кристали. Фарбањето со вино е здраво и без хемикалии. Сите знаеме дека вештачките бои содржат хемија и не се безбедни, на јајцата што напукнале им има влезено од течноста. Оваа година се обидовме да фарбаме јајца и со бело вино, бојата е таа но кристалите исто ги има во голем број. Нашата семејна винарија има неколку црвени вина и од различни црвени вина излегува различна боја. Здравје за другата година ќе пробаме и од другите видови вино.  Кристалите се создаваат од винската киселина. Така што колку повеќе винска киселина, толку повеќе кристали, рече Зоран Пешков за МИА.

Го прашавме, како од бело вино добиле жолто исфарбани јајца, а тој појасни дека тоа зависело од виното. Жолтите јајца се добиени откако се исфарбани со малку постаро бело вино, од сортата „шардоне”. Постарите бели вина, ја менуваат бојата и ја губат винската киселина, па има помалку кристали, вели Пешков.