Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски присуствува на церемониите за интронизација на јапонскиот цар Нарухито што се одржуваат денеска и утре во Токио.

Жерновски учествува во својство на личен претставник на претседателот на државата и официјален претставник на Владата на Македонија.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, во рамки на церемониите се одржуваат два свечени настана, односно официјална церемонија на интронизација на императорот, проследена со свечен прием во Империјалната палата, како и официјален прием приреден од јапонскиот премиер Шинзо Абе.

На церемониите за интронизација учествуваат претставници на повеќе од 170 држави и меѓународни организизации, меѓу кои и претставници на сите светски кралски семејства, голем број шефови на држави, министри и останати високи претставници од целиот свет.

 – Церемониите на интронизација се најважниот настан во Јапонија и настан што се случува еднаш во 30 години. Претходната ваква церемонија, односно интронизациајта на императорот Акихито, се случи во 1990 година. Заменик министерот Жерновски ги пренесе пораките на претседателот Пендаровски за добро здравје и долго и просперитетно владеење на императорот Нарухито, а во името на македонските граѓани посака ерата Реива да биде долга и просперитетна за јапонскиот народ, соопшти МНР.

Македонија и Јапонија оваа година одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи кои, наведува МНР,  се карактеризираат со традиционално добри и пријателски билатерални односи.

– Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на нашата држава, а техничката помош се реализира преку проекти во различни области. Континуираната јапонска поддршка и развојна помош овозможија во изминатите дваесет и пет години во РС Македонија да бидат направени значајни подобрувања во многу витални области, информира Министерството за надворешни работи.