Украинските власти денеска воведоа нови мерки, во обид да го запрат ширењето на епидемијата на коронавирусот, а кои предвидуваат затворање на несуштинските бизниси во следните три викенди.

Тие мерки се однесуваат и на рестораните, трговските центри и спортските сали, додека продавниците за храна, аптеките и банките ќе останат отворени.

Украинскиот министер за здравство Максим Степанов изјави дека најдобро е да се воведе целосен „локдаун“ за населението, но економијата на земјата не би можела да го издржи тоа. Неколку часа пред одлуката за новите мерки, околу 2.000 луѓе се собраа во Киев да протестираат против најавените рестриктивни мерки.

Европската бизнис асоцијација на Украина исто така верува дека новите мерки можат да им наштетат на претприемачите. Украина е една од најсиромашните земји во Европа и е многу зависна од помошта на западните доверители. Во таа земја, повеќе од 480.000 луѓе беа заразени со Ковид-19 од кои 8.900 починаа. Министерството за здравство на Украина процени дека „најлошото“ допрва доаѓа.