Унгарија ја прилагодува својата програма за вакцинација, за да даде што е можно повеќе први дози пред можното забрзано ширење на коронавирусот, соопштија тамошните власти денес.

Најавувајќи ја промената, главната унгарска здравствена службеничка Сесилија Мулер рече дека очекува ширењето на коронавирусот да се забрза во наредните недели, така што Унгарија поинаку ќе го распореди вакцинирањето, продолжувајќи го периодот помеѓу приемот на двете дози.

„Податоците покажуваат експоненцијално зголемување на инфекцијата“, рече таа на прес-конференција.

„Следните недели ќе бидат многу тешки“, додаде таа.

Ја надминаа смртната граница од 15.000

Унгарија, земја со 10 милиони жители, викендов ја премина границата од 15.000 смртни случаи од коронавирус.  Во стапката на смртност се изедначи со САД.

Од почетокот на пандемијата, во Унгарија има 433 000 заразени лица. Унгарија е прва членка на Европската унија која одобри вакцини од Русија и Кина, што внесе непријатност кај западните сојузници, но исто така придонесе за побрза вакцинација бидејќи вакцини добива од пет производители.

Унгарија исто така ги зголеми нарачките од западните производители – од првичните 6,5 милиони дози, земјата на крајот ќе добие 10,87 милиони дози вакцини на БиоТек, рече Мулер.

Будимпешта исто така договори набавки на вакцините Модерна и АстраЗенека и очекува истото да го стори и со Џонсон и Џонсон кога ќе бидат достапни во ЕУ, рече таа.

Новиот пристап значи дека двете дози на вакцината на АстраЗенека ќе се примат за 12 недели, а на Фајзер 35 дена.

Властите во Унгарија открија растечко количество на коронавирусот во отпадните води низ целата земја, особено во Будимпешта, што овозможува враќање на рестриктивните мерки, предупреди Мулер.