Новиот покриен Градски пазар во Велес, денеска, по повод денот на градот – 9 ти ноември, свечено беше пуштен во употреба. Пазарот има над 300 тезги. Месечната баждарина за тезга ќе биде непроменета 1100 денари, а како што најавија од ЈКП „Дервен“, со одлука на Совет, ќе бараат да се укине дневниот закуп на тезга од 50 денари.
– Финансиската конструкција е преку Светската банка со кредит од 40 милиони денари коишто граѓаните ќе ги исплаќаат и во наредните години, појасни Снежана Дервишова од Одделението за комунални работи на Општина Велес.
Градоначалникот Марко Колев на денешната свеченост упати благодарност за придонесот на претходните градоначалници Славчо Чадиев и Аце Коцевски кои денеска исто така беа присутни и се обратија на свеченоста.
Воедно присутни беа, членовите на Советот на Општина Велес во тогашните мандати и во сегашниот.
Градоначалникот Колев искажа посебна благодарност до македонската Влада за финансиската поддршка.
– Финансиската конструкција ја затворивме и со кредит на Светска банка којшто ќе го плаќаме во наредните години. Како актуелен градоначалник пред сè сакам овој објект да го чуваме за граѓаните да го користат додека граѓаните кои продаваат да се чувствуваат комотно, безбедно и заштитено. Нека е честит 9 Ноември, денот на град Велес, порача Колев
Тој потенцира дека земјоделските производители засега нема да плаќаат повисока цена за користење на тезгите во пазарот. Воедно најави дека општината интензивно ќе работи на сузбивање на дивите продавачи и ќе се заложи за нивно внесување во пазарот, а како што бараат граѓаните да се воведе ред.