На денешниот настан Саем-Отчет, 4 години работа за тебе осврт за сработеното дадоа и неколку градоначалници од источниот дел на Македонија.
Виктор Паунов, градоначалник на општина Карбинци ги посочи проектите за општина Карбинци и објасни дека општината вложува во делот на изградбата, реконструкцијата на спортските терени како и асфалтирање на улици, расчистувањето на шест диви депонии.
„Локалитетот Баргала е една од поголемите знаменитости коишто ние се гордееме со истото и можеме да го понудиме на посетителите и како општина и те како вложивме во овој дел, во овие 4 години, низ низа неколку проекти коишто ги реализиравме во овој дел. Проектите коишто Карбинци ги посведочи овие четири години граѓаните можат да ги препознаат во повеќе аспекти, асфалтиравме речиси 20км улици, се обидовме да направиме пристап или една платформа којашто ја нарековме улици без кал, расчистувањето на шест диви депонии, доградбата на детската градинка којашто беше премала, во делот на спортот историски вложивме 10 милиони денари за четири години, вложивме во делот на изградба, реконструкција, обнова и модернизирање на малите спортски терени“, рече Паунов.
Борчо Коцев, градоначалник на општина Зрновци посочи дека период што измина се реализираше витален проект за модернизација и набавка на комплетна механизација за зимно и летно одржување на локални патишта и улици.
„Тоа е еден од повеќето проекти којшто, иако не беше ветен во четиригодишната програма, а го реализиравме. Ние пред четири години, заедно со граѓаните на општина Зрновци, направивме една сеопфатна програма која нудеше околу стотина проекти и решенија. Но програмата е жива материја и градоначалникот треба секојдневно да ги следи потребите и да бара решенија за проблемите на граѓаните. Прв пат после 27 години постоење на општината набавена е комбинирана машина ровокопач“, рече, меѓу другото, градоначалникот Коцев.
Далибор Ангелов градоначалник на Чешиново-Облешево истакна дека во соработка со Светска Банка во Чешиново се изградени два булевари вклучувајќи и атмосферска канализација.
Општината ни е веќе деблокирана, во соработка со Светска банка во Чешиново веќе два булевари вклучувајќи со атмосферска канализација веќе ги изградивме, имплементиравме канализационен систем вклучувајќи и колекторски систем, Бушотина во село Спанчево го решивме проблемот со водоснабдувањето, во соработка со училиштата асфалтиравме игралиште, реконструиравме спортски сали.