Гласот на Америка

Србија се соочува со пад на демократијата, а нејзината автократска влада користи посебни закони за да ја ограничи транспарентноста во големите проекти, се вели во годишниот извештај на меѓународната организација Транспаренси Интернешнл (Transparency International) за индексот на перцепција на корупцијата (ЦПИ).

Србија доби оценка ЦПИ 36 на скала од нула (екстремно корумпирана земја) до 100 (земја без корупција). Ова е историски најниска оценка за Србија откако Транспаренси ги објавува овие извештаи.

„Поради ранливоста на политички притисок, судските системи во Босна и Херцеговина и Србија во голема мера не се во можност да ги гонат и санкционираат јавните службеници кои ги злоупотребуваат своите позиции. Слабите закони, институциите за надзор и каналите за известување, исто така, придонесоа за постојан пад на ЦПИ во овие две земји“, наведува Транспаренси во делот посветен на состојбите во Источна Европа и Централна Азија, каде Србија е на средината на листата според ЦПИ.

Со неодамна усвоен закон се предвидени најмалку една милијарда евра јавни средства наменети за Експо 2027, што создава ризик од надуени цени на договори и неквалитетни градежни работи, се вели во извештајот.

Транспаренси понатаму потсетува дека обвинителството во Србија, исто така, не реагирало на јавно презентираните докази дека „изборните измами биле во корист на сегашната (владејачката) Српска напредна партија и нејзините сојузници во декември 2023 година“.

„Оваа политички заробена правосудна институција не успева да го заштити јавниот интерес во клучен момент, намалувајќи ја способноста на земјата да ја запре корупцијата“, заклучува Транспаренси.

Црна Гора: Долгорочни последици од претходното заробување на државата

Случајот на Црна Гора (оценка ЦПИ 46) покажува како претходното заробување на државата може да остави трајни последици врз институциите, се вели во извештајот на Транспаренси.

По три децении, владеењето на една партија заврши во 2020 година, охрабрувајќи многумина да пријават случаи на корупција од минатото, наведува ТИ.

„Сепак, бавниот напредок во гонењето на овие случаи и борбата за обнова на функционалното правосудство откриваат колку длабоко заробувањето на правосудниот систем од страна на режимот и организираниот криминал го уништи правосудниот систем“, соопшти Транспаренси.

Овие недостатоци ја покажуваат и неспособноста на владата која ја презеде функцијата да креира одлучни реформи, оцени ТИ.

„За да биде успешна, коалициската влада предводена од ’Европа сега‘ мора да даде приоритет на акциите против корупцијата и организираниот криминал“.

Демократскиот напредок на Косово допрва треба да се потврди, во БиХ корупцијата ја загрозува државата

Демократскиот напредок што го постигна Косово (ЦПИ индекс 41), особено во поглед на слободни избори и мирна транзиција на власта, сè уште треба да биде придружен со акција против корупцијата, се вели во извештајот.

„И покрај тековните напори, реформите кои се клучни за независноста на правосудниот систем, како што се воспоставување процес на судска проверка и донесување нов закон што може да го зајакне интегритетот на Обвинителскиот совет, се одвиваат многу бавно. Уште полошо, континуираното мешање на владата во правосудните работи – за што пример е разрешувањето на шефот на полициската единица за специјални истраги, заедно со попречувањето на парламентарната истрага од страна на пратениците од мнозинството во врска со наводна голема корупција – укажуваат на тоа дека политичката волја да се откаже од контролата и да се зајакне независниот надзор сè уште не постои“, соопшти ТИ.

Комплексните управувачки и правосудни структури во Босна и Херцеговина (35) оставаат простор за концентрација на моќта во водечките етнички политички партии. Нивното доминантно влијание врз сите гранки на власта придонесува за системска корупција и го нарушува самото функционирање на државата, предизвикувајќи граѓаните да ја губат довербата во институциите.

Ранливоста на обвинителството и правосудството на несоодветно влијание значително ги поткопува напорите во борбата против корупцијата, каде што не се решаваат големите скандали, наведува Транспаренси за БиХ, додавајќи дека „овој негативен тренд го влошуваат напорите на политичките елити да ги замолчат набљудувачите преку нови и предложени закони кои ја криминализираат клеветата, го таргетираат независното граѓанско општество и го санкционираат секој што „ги омаловажува државните органи“.

С. Македонија: Измените на кривичниот законик го нарушија напредокот

Токму кога почнаа да се појавуваат некои мали знаци на напредок, правосудството во С. Македонија (42) беше значително нарушено од недемократските измени на кривичниот законик, се наведува во извештајот.

„Политички мотивираните назначувања и разрешувања на судски функционери предизвикуваат дополнителна загриженост во однос на способноста на правосудството ефикасно да се бори против корупцијата“, се вели во извештајот.

Глобалната ситуација е непроменета, повеќето земји напредуваа малку или воопшто не напредуваа

Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година покажува дека повеќето земји постигнале мал или никаков напредок во борбата против корупцијата во јавниот сектор.

Глобалниот просек на ЦПИ останува непроменет и изнесува 43 веќе 12-та година по ред, при што повеќе од две третини од земјите имаат резултат под 50. Ова укажува на сериозни проблеми со корупцијата, наведе организацијата во објавените заклучоци.

Според Индексот за владеење на правото, светот бележи пад на функционирањето на правосудните системи. Земјите со најниски резултати во овој индекс исто така имаат многу ниски оценки на ЦПИ, што ја истакнува јасната врска меѓу пристапот до правда и корупцијата.

И авторитарните режими и демократските лидери кои ја поткопуваат правдата придонесуваат за зголемување на неказнивоста на корупцијата, а во некои случаи дури и ја поттикнуваат со отстранување на последиците за криминалците.

Влијанието на нивните постапки е евидентно во сите земји, од Венецуела (13) до Таџикистан (20).

Франсоа Валеријан, претседател на Транспаренси Интернешнл, по повод објавувањето на извештајот изјави:

„Корупцијата ќе продолжи да напредува сè додека правосудните системи не можат да ја казнат неправдата и да ги држат владите под контрола. Кога правдата се купува или политички се меша во неа, страдаат луѓето. Лидерите треба во целост да вложуваат и да ја гарантираат независноста на институциите кои го поддржуваат законот и се борат против корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста на корупцијата“.

Глобалните податоци за ЦПИ рангираат 180 земји и територии според нивното перципирано ниво на корупција во јавниот сектор на скала од нула (многу корумпирана) до 100 (многу чисто).

На врвот на листата, односно најдобар резултат има Данска со индекс 90, која шеста година по ред е на врвот на индексот. Следуваат Финска и Нов Зеланд со резултати 87 и 85.

Поради доброто функционирање на правосудните системи, овие земји се исто така меѓу најдобрите стрелци во Индексот за владеење на правото.

На дното на листата се Сомалија со 11, Венецуела, Сирија и Јужен Судан со 13 и Јемен со 16.

Сите се погодени од долготрајни кризи, главно вооружени конфликти, се нагласува во извештајот.

Дваесет и три земји – меѓу нив некои високо рангирани демократии како Исланд (72), Холандија (79), Шведска (82) и Обединетото Кралство (71), како и некои авторитарни држави како Иран (24), Русија (26), Таџикистан (20) и Венецуела (13) – заедно се на историски најниско ниво оваа година, се нагласува.