Министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан денеска најави дека ќе се сретне со својот азербејџански колега Џејхун Бајрамов со цел да ги продолжат преговорите за решавање на конфликтот во регионот Нагорно-Карабах.
– Планирани се преговори. Барем постигнавме договор за продолжување на процесот и организирање нова средба со азербејџанскиот министер за надворешни работи, истакна шефот на ерменската дипломатија.
Тој додаде дека прашањето за Нагорно-Карабах не може да се реши со сила, туку бара политичко решение преку преговори во рамки на Минск групата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Мирзојан тоа го изјави на заедничката прес-конференција со индискиот министер за надворешни работи, Субрахмани Џаишанкар.
– Ерменија смета дека употребата на сила не може да биде основа за решавање на судирот во Нагорно-Карабах. Тоа треба да се реши преку мирни преговори на Минск групата на ОБСЕ, заклучи ерменскиот министер.