Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро одговори на изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини во едно интервју дека „го поддржува Путин“ со блокирање на преговорите за пристапување на Украина со Европската Унија. Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, пишува Евроњуз (Euronews).

Во интервју објавено вчера Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа што ја спроведува Украина, наместо да бара отстапки.

„Не мислам дека треба да му понудам нешто на Виктор Орбан“, рече Зеленски.

„Мислам дека Виктор Орбан треба да и понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.

Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер го отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.

„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа, ниту пак ќе го побараме. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и НАТО, чија членка за среќа Украина не е“, рече Орбан.

Тој истакна дека Унгарија досега обезбедила приближно 200 милиони евра хуманитарна помош и продолжува да ја снабдува земјата разорена од војна со гас и електрична енергија.

Премиерот го повтори цврстото противење на Унгарија на влезот на Украина во ЕУ.

„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската унија, бидејќи тоа би донело војна во Европа и би однело унгарски пари во Украина“, рече Орбан, додавајќи дека повеќе би сакал да го види Киев како „стратешки партнер“ отколку како полноправна членка.

Од безбедносни и економски причини, Будимпешта продолжува да го блокира отворањето на поглавјата од преговорите со Украина. Порано оваа година, владата спроведе и необврзувачка национална консултација на која 95 проценти од испитаниците се спротивставија на членството на Украина во Унијата.

Односите меѓу двете земји се дополнително затегнати од ова лето поради украинските напади врз рускиот нафтовод „Дружба“, кои во неколку наврати привремено ги прекинаа испораките на нафта во Унгарија. Додека Будимпешта ги осуди нападите како „скандалозни и неприфатливи“, Киев ја обвини Унгарија дека не направила доволно за да се одвикне од руските фосилни горива, со што финансирала дел од воената машинерија на Кремљ.

Се очекува дека оваа тема ќе биде на маса за време на средбата меѓу Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп, која е закажана за овој петок во САД.

фото:ЕПА