Украинскиот министер за финансии, Серхи Марченко изјави денеска дека војната на земјата со Русија го чини Киев повеќе од 135 милиони долари дневно, јави ДПА.
Во интервју за РБЦ-Украина, Марченко рече дека месечните трошоци за безбедност и одбрана се зголемени на 166 милијарди гривни (4,04 милијарди долари).
Украинската влада во моментов планира голема даночна реформа за покривање на буџетскиот дефицит од околу 12,2 милијарди долари. Меѓу предложените измени е и зголемување на воениот данок од 1,5 отсто на пет проценти. Ваквото зголемување првично беше предложено во 2014 година по руската анексија на Крим. Овој вид на данок се наплатува
одделно од основниот данок на доход.
Дополнително, купувањето автомобили и накит подлежи на воен данок од 15 до 30 проценти. Според извештаите на медиумите, продажбата на нови автомобили во големите украински градови нагло се зголемила по објавувањето на овие планови.
Украина веќе повеќе од две години ја одбива руската инвазија. Околу половина од државниот буџет во моментов се финансира од странски заеми и помош.