Талибанците денеска го зазедоа градот Мазар-и-Шариф, последното упориште на авганистанската влада на север во државата и го затегнаа обрачот околу главниот град Кабул, соопштија официјални лица.
– Талибанците ја презедоа контролата врз градот Мазар-и-Шариф, изјави Афзал Хадид, шеф на советот на провинцијата Балк, додавајќи дека се чини дека градот паднал без борба. – Војниците ја оставиле својата опрема и се упатиле кон границата со Узбекистан, рече Хадид.
Со повлекувањето на американските сили и сојузниците, талибанците напредуваат брзо веќе неколку недели. Оваа радикална исламистичка група го окупираше поголемиот дел од Авганистан и се приближува до главниот град Кабул каде што десетици илјади луѓе од други делови на земјата најдоа засолниште.
Во меѓувреме, американските сили пристигнуваат во Кабул за да помогнат во евакуацијата на персоналот на амбасадата, а британските војници пристигнуваат во текот на викендов.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани повика на понатамошна мобилизација на вооружените сили и посочи дека во тек се „консултации“ за брзо изнаоѓање политичко решение што гарантира „мир и стабилност“ во Авганистан.
„Понатамошната мобилизација на нашите безбедносни и одбранбени сили е наш приоритет број еден и се преземаат сериозни мерки во овој поглед“, рече Гани во краткото телевизиско обраќање до нацијата.