САД стојат зад апсењето во Франција на основачот и извршен директор на комуникациската платформа Телеграм, Павел Дуров, изјави денеска претседателот на руската државна дума Вјачеслав Володин.
Дуров, кој е роден во Русија и има двојно државјанство, беше уапсен во Франција за време на викендот како дел од истрагата за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и нелегални трансакции на Телеграм.
– САД, со посредство на Франција, се обидуваат да извршат контрола врз Телеграм, рече Володин, без да обезбеди докази за неговите тврдења.
– Телеграм е една од ретките, а во исто време и најголемите интернет платформи кои не се контролирани од САД … Во пресрет на американските претседателски избори, важно е (претседателот Џо) Бајден да воспостави контрола врз Телеграм, се вели во соопштението на Володин.
Белата куќа не го коментираше апсењето на Дуров. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека апсењето не е политички мотивирано.
Кремљ вчера соопшти дека сè уште не е запознаен со официјалните француски обвиненија против Дуров.
Апликацијата за комуникација Телеграм со седиште во Дубаи има околу една милијарда корисници и е особено популарна во Русија, Украина и поранешните советски републики.