Волонтери ископаа 100 гробови на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро како симболичко потсетување на илјадниците Бразилци кои починаа од Ковид-19, но и да го осудат она што тие го нарекоа „неспособност“ на властите да се справат со пандемијата.
Десет редови дупки беа ископани во песокот пред легендарниот хотел „Копакабана палас“. Пред секој е поставен црн крст со бразилско знаме.
„Ова е протест против низата грешки што ги направи федералната влада во справувањето со хуманитарната криза во Бразил“, напиша на Твитер невладината организација „Рио де Паз“, основана со цел борба против насилството во градот..
Визуелниот ефект потсетува на слики од разни места во светот каде што коронавирусот предизвика забрзано копање свежи гробови – особено во амазонскиот град Манаус во северен Бразил.
– Тука репродуциравме, симулација на разгледници од Рио, она што го гледаме на нашите гробишта, рече Антонио Карлос Коста, претседател на Рио де Паз. – Ние сме тука за да побараме промена во однесувањето на претседателот на државата, кој мора да разбере дека нашата нација се соочува со најтешкиот момент во својата историја, рече тој. – Оваа пандемија ги влоши социјалните неправди и неспособноста на јавните институции, додаде претседателот на невладината организација.
Десничарскиот претседател Жаир Болсонаро го омаловажи смртоносниот вирус, нарекувајќи го грип. Од Ковид-19 во Бразил досега починаа речиси 40 илјади луѓе.