Гувернерот на американската сојузна држава Вашингтон, Џеј Инсли прогласи вонредна состојба поради голем број заболени од мали сипаници. Во текот на вчерашниот ден потврдено е дека 35 лица се заразени со мали сипаници.
– Малите сипаници се многу заразна болест која може да биде смртоносна за малите деца, изјави Инсли, додавајќи дека појавата на жариште создава „екстремен ризик за јавното здравје и може брзо да се прошири и во другите држави“.
Најголем број потврдени случаи – 34, се регистрирани во областа Кларк на јужната граница на Вашингтон, а потврдено е дека 30 од нив не биле вакцинирани.
Од потврдените 34, 24 се деца на возраст од една до десет години, а во областа Кларк има уште девет случаи за кои има сомнеж дека се заразени со сипаници.
Во последните неколку години во САД има зголемен број невакцинирани деца, поради што надлежните служби советуваат вакцинација против мали сипаници, заушки и рубеола.