Британците возат по левата страна на патот, што е спротивно од тоа како возат низ цела Европа. Но, ова не е карактеристично само за Велика Британија, туку и за околу 15 англосаксонски земји, но и други држави…
Се проценува дека околу 35 насто од светското население вози на левата страна. Од поголемите земји, ова правило важи во Австралија, Нов Зеланд, Ирска, Индија, Јапонија, некои карипски острови, а во ЕУ – и на Кипар. Возењето во овие земји е често опасно за возачите навикнати на возење со десна рака.
Преданието вели дека тоа потекнува од средновековието – кога на коњаниците повеќе им одговарало да одат на левата страна, за десната рака да им е поблиску до нивните противници. Оние 10 до 15 отсто витези левичари, веројатно, едноставно морале да се навикнат на тоа…
Работите се сменија кон крајот на 18. век, кога големи коли, влечени од дузина коњи, биле користени за транспорт на земјоделски производи во Франција и САД. Во отсуство на возачко седиште во колата, „возачот“ обично седел на задниот лев коњ. И, седејќи на левата страна, полесно е да се разминува со другите коли одлево, па природно – прешол на десната страна од патот.
Британските власти, сепак, го одбиле новоутврдениот начин на движење и во 1773 година го вовеле Генералниот акт за патишта, со кој се воведува возење од лева рака. Во меѓувреме, Франција, по Револуцијата, под нивниот владетел левичар Наполеон Бонапарта, прифати трајна смена на движење и возење по десната страна од патот.
Потоа, со колонизацијата, Британците и Французите веќе го имаа поделено светот, па колониите обично го прифаќаа начинот на возење на „својот“ колонизатор. И, ова објаснува зошто во поранешните британски колонии Австралија, Нов Зеланд, Хонк Конг и Индија, возачите и денес возат лево, додека во поранешните француски колонии, како што се Алжир, Брегот на Слоновата Коска и Сенегал, се вози десно.
Кога Хенри Форд во САД го претстави својот модел Т во 1908 година, возачкото седиште беше одлево, што значеше дека автомобилите ќе мора да возат на десната страна од патот, за возачите да можат да излезат од автомобилот од лево. Ова доведе до промена и во други земји како – Канада, Италија и Шпанија, кои го сменија погонот на десната рака во 1920-тите, а и голем дел од Источна Европа го следеше тој пример. Во Шведска тоа се случи 1967 година и денес во цела континентална Европа се вози оддесно.
Британците, сепак, си останаа верни на својата традиција и не го менуваат правилото… Како и Кипар, кој во минатото, исто така, бил составен дел од Британската Империја.