Aлбанската опозиција ја обвинува ДУИ за, како што велат, местење тендери во Државната лотарија во корист на руско-српското подземје. Астрит Исени од Демократското движење го обвини вицепремиерот Артан Груби дека преку Државната лотарија злоупотребил 2 милиони евра пари на граѓаните во служба на српското подземје.
„Додека Бујар Османи зборува за проверка на носителите на функциите, можеби за да ја провери чистотата на функционерите, Артан Груби преку Лотаријата и Перпарим Бајрами распишува уште 6 тендери вредни 2 милиони евра пари на граѓаните за рекламирање и маркетинг на игри на среќа и казина, чии реклами еден млад човек ги гледа на градските билборди, на телевизија, радио, на Фејсбук итн. Додека Бујар Османи елаборира за опасноста од Русија, Артан подготвува терен дека, како и сите други тендери во Лотаријата и овие да ги добие подземјето од Србија“, рече Астрит Исени- „Вреди“.
ДУИ ги отфрли овие обвинувања, опишувајќи ги како продолжение на, како што рекоа, проруската агенда. Според нив, албанската опозиција освен што поттикнува омраза, се обидува да го сокрие и стравот од пораз на претседателските и парламентарните избори.
„Албанската опозиција продолжува да им служи на проруските агенди и употребата на тежок речник кој поттикнува омраза и ја дезинформира јавноста со нивните неосновани измислици. Претставниците на Демократското движење денеска ги повторија демаскираните клевети, обвинувајќи го идниот претседател и другите структури на ДУИ. Повторените клевети се доказ дека опозицијата чувствува и е сигурна во тешкиот пораз што ќе го доживее од претседателскиот кандидат Бујар Османи и воопшто од Европскиот фронт“, велат од ДУИ.
Обвинувањата меѓу опозицијата и ДУИ за тендерите во Државната лотарија датираат од поодамна. Доби на интензитет поради неуспешниот обид во Собранието да се донесе Законот за коцкање. Претходно, истиот закон не доби потпис од претседателот Пендаровски./Алсат.мк