Во врска со денешното астрономско откритие на очајното раководство на ДУИ дека наводно ВМРО-ДПМНЕ ги пишувале соопштенијата на Коалицијата ВРЕДИ/ВЛЕН, го соопштуваме следното: Изгледа во ДУИ ги измешале лончињата, велат во соопштение од коалицијата ВРЕДИ/ВЛЕН.
„Ова не е периодот 2006-2017 кога ДУИ им робуваше на Груевски и Мијалков. Длабок очај е кога една партија која била власт 22 години ќе падне на дереџе да користи ваква аргументација за политички напад. Но, нема да оставиме простор нивните медиумски мегафони да трубат глупости.
Имено, со оглед на фактот дека комуницираме и со македонски медиуми, нормално е во Центарот за комуникации на ВЛЕН да имаме ангажирано лектори за уредување на нашите текстови. Во случај кога лингвистички се коригира еден текст, може да се јави потреба да се прави и во двете верзии.
Ако “крунски” доказ на ова криминализирано раководство на ДУИ е реченицата “преведи на албански” на крајот на македонската верзија на денешното соопштение, тогаш може слободно од политичка партија, да ги нарекуваме политички циркус.
Крајно време е Али Ахмети да се освести и да разбере дека во опозиција не го пратија македонските партии туку мнозинството Албански народ кој на изборите му рече – доста беа лаги, манипулации и безочно фамилијарно богатење!“ – стои во соопштението на ВРЕДИ/ВЛЕН.