Врховниот суд на Соединетите Американски Држави одлучи денеска дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп може да задржи неколку илјади пробни федерални работници на платниот список додека пониските судови ја разгледуваат законитоста на отпуштањата.
Одлуката ја блокира одлуката на понискиот суд со која се бараше повеќе од 16.000 работници да се вратат на работа, јавува Си-Ен-Ен.
Иако одлуката не се однесува на суштинските правни аспекти на случајот, таа во меѓувреме ќе има значително влијание врз работниците и агенциите, наведува медиумот.
Двете либерални судии, Соња Сотомајор и Кетанџи Браун Џексон, јавно се спротивставија на одлуката, сметајќи дека нема потреба од итен одговор од Врховниот суд.
Џексон нагласи дека нема причина за толку брза интервенција. Додека Врховниот суд ја донесуваше својата одлука, друг судија во Мериленд издаде наредба за привремена забрана за враќање на работниците кои не се опфатени со случајот пред највисокиот суд, што дополнително ја комплицира ситуацијата, се наведува.
Аналитичарот на Си-Ен-Ен, Стив Владек, смета дека одлуката на Врховниот суд била ограничена и се однесувала само на прашањето кој има право да тужи, а не на суштинските аспекти на отпуштањата.
Тој посочи дека и други судови веќе донеле пресуди против администрацијата во слични случаи, кои остануваат во сила. Одлуката на Врховниот суд претставува победа за администрацијата на Трамп, која се обиде да ја поништи одлуката на понискиот суд за враќање на работниците, велат аналитичарите.