Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се очекува денеска да започне втор бран масовни отпуштања од владините институции, еден ден откако двајца федерални судии наредија враќање на илјадници работници на работа, пренесува Ројтерс.

Американските владини агенции добија рок до четврток да поднесат планови за големи намалувања на персоналот како дел од напорите на Трамп за радикално намалување на федералната бирократија.

Таа задача во голема мера е оставена на Одделот за владина ефикасност (DOGE) на Илон Маск.

Одделот досега ги надгледуваше потенцијалните отпуштања на повеќе од 100.000 вработени во федералната државна служба со 2,3 милиони членови, како и замрзнувањето на странската помош и откажувањето на илјадници програми и договори.
Сепак, пресудата на федералните судови во Калифорнија и Мериленд во четвртокот им наложи на агенциите да вратат на работа илјадници работници кои беа отпуштени во последните недели.

Белата куќа вети дека ќе возврати, нарекувајќи ги судиите партиски активисти, а пресудата веќе е обжалена во Калифорнија, според Ројтерс.

„Оваа забрана е целосно неуставна бидејќи е недозволиво судија од понизок суд да ги блокира извршните одлуки на претседателот на САД“, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.