Река од млади се слеа кон храмовите да го прослават најголемиот христијански празник Велигден. Укинувањето на полицискиот час, сабота кон недела, се чини беше одличен повод за нив за повторна дружба со пријателите. Ги имаше од сите училишни возрасти – од најмлади, дојдени со родителите, до оние во адолесцентни години. Стравот од Ковид-19 и апелите на властите Велигден да се пречека дома, придонесоа повозрасните да дојдат во многу помал број.

А и тој, во чие име со собираа голем број млади во црквите, им велел на апостолите: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е Царството Божјо. Вистина ви велам, кој не го прима Царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“ (Мк. 10, 13-16).

А кој од нив знае подобро да се радува и весели? Па така, радосната вест за Христовото Воскресение, беше пречекана со радосни и весели лица и ниту маските не успеаја да им ги скријат насмевките.

– Забележувам дека повозрасните се многу помалку отколку помладите и тоа многу ме радува. Ме радува што и младите веруваат во Бога. Тоа значи дека традицијата продолжува, ни вели 82-годишната Васка Миланова, која е редовен посетител на манастирската црква „Свети Наум Охридски Чудотворец“ во скопско Радишани.

По објавувањето на Христовото Воскресение и поздравот „Христос Воскресна! Навистина Воскресна!“, поитаа да се кршат со велигденските јајца – симболот за Неговото воскреснување од гробот. Традиција која датира уште од првите векови на христијанството. Според една од легендите, Марија Магдалена отишла кај римскиот цар Тибериј и му однела црвено јајце, кажувајќи му ги зборовите: „Христос воскресна!“ и му раскажала за воскресението на Исус.

Се повеќе христијани ја разбираат суштината на празникот

Нешто по што овој Велигден не се разликува од претходните е празнењето на храмовите половина час по полноќ. Многу малку верници остануваат на литургијата, која следи по обајвата за Христовото Воскресение, кои по седумнеделниот пост, со благослов од својот духовен отец, остануваат да се причестат, да ја примат светата причест-телото христово и неговата крв.

Меѓу нив е и Елена Грозданова.

– Празникот Воскресение Христово е најголемиот христијански празник. Се празнува воскреснувањето на Господ Исус Христос, вели Грозданова.

За Виолета Велигден е најрадосниот празник.

– Христовото Воскресение ни донесува радост во душата. Ние се надеваме на воскресение кога ќе се случи Второто Христово доаѓање, се надеваме дека ќе воскреснеме и тоа за мене е најубавото нешто, надежта во животот, вели Виолета.

Таа забележува дека оваа година подобро го празнуваме Велигден од лани, кога имаше полициски час.

– Не е како другите години, но сепак, има народ. Не е како лани. Да се надеваме дека догодина Велигден ќе го празнуваме во нормални услови и дека пандемијата до тогаш ќе помине, се надева таа.

Јулијана Митевска се радува што се повеќе луѓе се освестуваат и го разбираат вистинското значење и вистинската прослава на празникот.

– Велигден – најголем христијански празник. Сите знаеме дека верувањето врзано со воскресението е верување во живот по смртта. Се повеќе и повеќе луѓе го разбираат вистинското значење. Се подвизуваат и се обидуваат да ги разберат страдањата Исусови и жртвата, која ја дал Исус Христос, за овој и ваков свет, вели Јулијана.

Таа нагласува дека во ова време на пандемија луѓето се подвизуваат на начин на којшто можат.

– Нормално дека сме исплашени. Многумина го изгубија животот. Луѓето кои ги познаваме и не ги познаваме, јавни личности, ја изгубија битката со Ковид-19. Не е за неверување дека нешто навистина постои. Треба да бидеме свесни и одговорни за сеопшто здравје, истакнува Јулијана, која го поминала вирусот.

Таа нагласува дека во црква оди со маска и внимава, не само за себе туку и заради другите.

– Пристапувам со верба. Бог ја сака нашата чиста душа, нашата молитва. Бог сака да имам љубов, да не мислам никому лошо, да простам, да помогнам кога треба да помогнам. Тоа е најсуштинското што не карактеризира како христијани. Љубовта која ја носиме, ќе треба да не оправда пред сè и секогаш, вели Јулијана.

Дуки Вуковиќ вели дека можеби пандемијата, некои лица ги поттикнала да дојдат во храм, да побараат помош од Бога.

Тој е задоволен што оваа година на верниците им е овозможено да го прослават Велигден во црквите, а не со свеќа в рака дома.

Виктор Трајановски посочува дека Воскресението на Исус Христос е клучен настан, врз кој е изградена главнината на христијанската вера. Исус воскреснал од мртвите на третиот ден по смртта.

– Починал како последица на распнувањето на крст. Тој ги примил нашите гревови. Три дена подоцна воскреснал и смртта со смрт ја победел, вели Трајановски, нагласувајќи дека „Велигден е празник над празниците“. „Напразна ќе беше нашата вера, да не воскреснеше Христос“, рекол свети апостол Павле, објаснува Виктор.

Во православните земји отворени вратите на храмовите

Храмовите, не само во нашата држава, туку и во сите земји каде што живеат претежно православни верници, овој Велигден речиси насекаде беа отворени. Но, без исклучок, од верниците се бараше да прославуваат со почитување на препораките за заштита од коронавирусот – носење маска и држење растојание едни од други.

За рускиот патријарх Кирил овогодишниот Велигден е невообичаен празник затоа што се случува за време на пандемија, која „се надеваме дека ќе помине мирно и ќе не научи нешто, а потоа ќе не напушти засекогаш “.

Говорејќи за тоа што може да нè научи пандемијата, рускиот патријарх рече дека тоа е првенствено „кревкоста на човечкото суштество и одговорноста“.

– На прв поглед, малите нешта како занемарување на хигиената можат да ни нанесат ненадмината штета. Всушност, нема мали нешта во животот. Сè е важно и сè зависи од одлуките што ги носиме секој ден, рече патријархот на Москва и на цела Русија.

Тој додаде дека важната лекција што ни ја предаде пандемијата е колку е важна живата човечка комуникација, а не виртуелна.

Во Црна Гора, состојбата како и кај нас – полицискиот час немаше ноќта од сабота кон недела.

Грците, пак, втора година по ред го прославија Велигден во период на карантин, но за разлика од лани, кога црквите беа затворени за верниците, сега, присуството беше дозволено, меѓутоа под правила и протоколи, а Воскресението Христово, поради рестрикциите се одржа во 21 часот, наместо на полноќ.

Во Албанија малубројното православно население Христовото воскресение го дочекаа во своите домови. Таму во сила е полициски час. Албанските граѓани од православна вероисповест, синоќа беа подалеку од божјите храмови.

Но, во едно нема разлика кај сите православни цркви, сите обединети го отфрлаат барањето на здравствените експерти при причестувањето да употребуваат лажичиња за еднократна употреба. Во православието е вообичаено при причестувањето за сите да се користи ист путир (обредна метална чаша за причест) и иста лажичка. Црковните лица тврдат дека никој, од кога постои православието до денес, не се заразил при причестување. Црквата верува дека во евхаристијата со помош на Светиот дух виното и лебот стануваат Христови тело и крв.

Пристигнување на благодатниот оган

Како и секоја година така и оваа, православните цркви низ светот го добија благодатниот оган од Израел. Повикувањето на Светиот оган во црквата на Светииот Гроб во Ерусалим вчера ги собра христијаните на обредот, кој традиционално се одржува на Велика сабота, ден пред Велигден. Потоа, благодатниот оган се доставува до сите држави во кои има православни верници.

Благодатниот оган вчера пристигна и кај нас. Него го донесе директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски, кој го презеде на Меѓународниот аеродром во Атина од грчката државна делегација која го донесе од Ерусалим.

По пристигнувањето директорот Сотировски светиот оган го предаде на неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан во резиденцијалниот манастир Св. Георгиј Победоносец и на свештеници од епархиите кои го однесоа низ градовите ширум државата.

И така две илјади и дваесет и една година по ред, православните верници го прославија Христовото Воскресение. Втор Велигден во пандемија. Желни за нормалност, желни за тргање на маските, но согласни дека во споредба со 2020 година, поблиску е целта. Останува надежта дека следниот Велигден коронавирусот веќе ќе го нема.

МИА