Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиство на дваесетгодишниот Никола Саздовски.
Јавниот обвинител Ангел Фидовски на минатото рочиште рече дека ќе докаже дека двајцата обвинетите заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29 јуни годинава на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди.
Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта која настапила е поради ударот во метална кутија на ЕВН што се наоѓа на автобуската постојка.
Бранителот на Скендер Демири, Асмир Исмаиловиќ рече дека ќе докажат дека ваквото обвинение не може да опстане, бидејќи ако обвинетите му побарале лична карта и почнале да го тепаат…зошто oбвинителството не навело кој и какви дејствија презел. Според него, не е споменато дали делото е извршено со умисла или кој е мотивот.
Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.
Доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот Никола. Тој пред судот рече дека се приклучува кон кривичниот прогон. По него, без присуство на јавноста, сведочеше и малолетната девојка на Никола.
Адвокатот на семејството на починатиот Никола, Ванчо Шехтански, по завршувањето на минатото рочиште изјави дека се задоволни од исказот на сведокот.
„Со оглед на тоа ги демантираме изјавите на одбраната дека смртта настанала поради железен предмет што бил поставен на автобуската, а не од ударите на напаѓачите. Исто така со исказот на сведокот се демантира и изјавата дека нападот траел само една минута“, рече Шехтански.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Тие му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако им ја покажал неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите, нанесувајќи му тешки телесни повред, од што паднал во кома.
Од здобиените повреди Саздовски на 9 јули годинава почина на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за смртта на Саздовски, откако првичната квалификација наиде на бурни реакции од јавноста. Па така наместо за кривично дело „насилство“ против тројцата осомничени се води истражна постапка за кривично дело „убиство извршено на свиреп начин“.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.