Меѓу жртвите во несреќата во Нови Сад има и Македонец.

Ова го потврди претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој и се обрати на јавноста по трагедијата што се случи во Нови Сад, кога се урна дел од зградата на Железничката станица, при што загинаа 14 лица.

-Нѐ снајде голема трагедија. Главната железничка станица во Нови Сад, настрешницата се урна врз голем број луѓе. Се уште не успеавме да го дознаеме идентитетот на пет лица, осум лица се државјани на Србија, едно е од Македонија. Во име на сите граѓани сакам да изразам сочувство до семејствата и роднините. Мораме да се обединиме и да им помогнеме на семејствата на жртвите, да направиме се за да ја минимизираме штетата и што е можно повеќе да им помогнеме на луѓето кои ги загубија своите најблиски, рече претседателот во солзи и додаде:

„Нема да се занимавам со оние кои би се криеле од одговорност под покровителство на властите. Барам од Вишото обвинителство во Нови Сад одговорните за тоа што се случи да бидат кривично гонети и најстрого казнети. Барам и политичка и кривична одговорност“.

Инаку, во текот на истрагата по уривањето на дел од зградата на Железничката станица во Нови Сад, од урнатините досега се извлечени 14 тела, соопшти Вишото јавно обвинителство во Нови Сад.

Поради здобиените повреди во Клиничкиот центар во Војводина се примени три лица чиј идентитет се уште не е утврден, две жени и еден маж.

„Вишото јавно обвинителство Нови Сад ги презема сите мерки и дејствија согласно Законот, со цел да се утврди постоење елементи на кривично дело и одговорност за стореното, за што јавноста навремено ќе биде информирана“, се наведува во соопштението.

На железничката станица во Нови Сад денеска во 11.50 часот се урна бетонската настрешница на зградата на станицата. Под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани.

Во Србија утре е прогласен Ден на жалост.