Поради најновите мерки на Косово за зголемување на таксите од 10 на 100 отсто за увоз на производи од Србија, српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва итно се сретна со амбасадорите на земјите на Квинта и шефот на делегацијата на ЕУ, а претходно разговараше и со амбасадорите на Русија и Кина во Белград.
Тој свика и седница на Советот за национална безбедност на која присуствуваше целиот државен врв на Србија.
Вучиќ изјави дека со мерките на Косово се утврдени четири основни цели. Според него, првата цел е вршење најголем притисок од страна на Приштина кој би водел кон безусловна капитулација на Белград и целосно признавање на независноста на Косово.
Како втора цел на Приштина, оцени српскиот претседател, е апсолутната забрана за трговија со што се оневозможува снабдување со призводи и на Србите во северниот дел на Косово.
– Целта е тивко спроведување на најсилно и најбрзо етничко чистење и протерување на Србите од Косово и оние јужно од реката Ибар и во северниот дел на Косово, констатираше Вучиќ, додавајќи дека Приштина им наредила на полициските сили да ги покријат сите алтернативни правци за спречување илегално внесување производи од Србија.
Трета цел, според Вучиќ, е притисок врз меѓународните институции да направат остапки за Косово за визна либерализација.
– Четвртата потенцијална цел на Приштина е избивање судири и целосна дестабилизација на регионот, поради нечии туѓи или свои интереси, бидејќи не можат преку дијалог и по мирен пат да ги остварат своите желби, изјави српскиот претседател.
Тој ја поздрави реакцијата на еврокомесарката Федерика Могерини, која побара Косово веднаш да ја повлече мерката, потенцирајќи дека Србија ќе следи дали тоа ќе има некаков ефект.
Вучиќ потврди дека Србија нема да воведува контрамерки, туку ќе реагира рационално, мирно и одговорно, изразувајќи надеж дека ќе се избори за продолжување на дијалогот во Брисел.
Како што соопшти кабинетот на Вучиќ, тој на средбите со амбасадорот на Русија Александар Чепурин и кинескиот амбасадор Ли Манќанг ги информирал за постапките на Приштина, барајќи притоа за ова да бидат информирани и претседателите Владимир Путин и Си Џинпинг.