Прететседателот на Србија, Александар Вучиќ по синоќешните масовни протести во Белград, денеска изјави дека на опозицијата и нуди избори, сметајќи дека на нив ќе може да покаже колку е „моќна и силна“.
– Јас им нудам избори. Сметам дека, кога се толку моќни и силни, сакаат избори. Тоа веројатно е природно барање на опозицијата – да сакате избори. Не мислите дека постои друго место каде што луѓето треба да ги бројат своите идеи, планови, програми и сè друго, истакна Вучиќ пред новинарите во Претседателството на Србија.
Вучиќ и порача на опозицијата дека ако сака избори, тогаш ќе ги има.
– Ако сакате избори, ќе има избори. Ако неќете избори, тогаш се е добро… Шетање, протести, тоа е во ред и јас секогаш го поддржуваме тоа, посочи Вучиќ.
Тој додаде дека бројот на учесници во протестите под слоганите „Стоп на крвавите кошули“ и “Еден од пет милиони“ може прецизно да се преброи, но дека тоа не е суштината, туку да видиме што друго се може уште да се направи за Србија, а не непотребно да се троши енергијата на „неважни содржини“, кои не заслужуваат внимание.
Вучиќ на прес-конференцијата во Претседателството рече дека Приштина во неколку фази до март ќе ги избрише границите со Албанија и ќе се обиде да ја доведе меѓународната заедница до свршен чин.
– До крајот на март тие ќе го направат тоа и кога ќе го направат тоа, откако ќе ги избришат границите, тогаш ќе ги укинат таксите и ќе кажат: Ние сме подготвени да разговараме, но од друга позиција, од позицијата на обединета Албанија и Косово, наведе Вучиќ.
Тој истакна дека на меѓународната заедница и претходно и посочувал на такво сценарио, но дека немало реакција.
Вучиќ праша „каква би била реакцијата на меѓународната заедница, ако тој најави дека се брише границата со Република Српска“ и оцени дека тоа е знак да на некому му пречи силна Србија.